Македонски Зелен Центар

Вести и активности

17.12.2012

Одржана 9тата годишна средба на граѓански организации кои работат на полето на животната средина

Од 14-16 декември во Струга, во организација на Македонскиот Зелен Центар, а со поддршка на УСАИД, Милиеуконтакт Македонија,  УНДП и Министерството за животна средина и просторно планирање на Р.Македонија се одржа 9тата годишна средба на граѓански организации кои работат на полето на животна средина и одржливиот развој. Годишната средба се одржа во рамките на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени кои го спроведува Милиеуконтакт Македонија.

На отворањето на средбата присуствуваше г. Мајкл Стивотер,  директор на  секторот за демократија и локална самоуправа од УСАИД Македонија и г. Игор Славкоски, директор на Милиеуконтакт Македонија -здружението за одржлив развој  кое го спроведува проектот. 

Во рамките на годишната средба беше претставен проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, за кој во тек е повик за финансирање на граѓански организации кои во партнерство со општините ќе работат на креирање на локалните стратегии како и пилот мерки за намалување на ефектите од климатските промени. 

Од страна на г-ѓа Павлина Здравева, беше претставена програмата за климатски промени на УНДП во Македонија, како и стратегија за комуникација која е во фаза на подготовка.

На средбата присуствуваа претставници на повеќе од 50 организации кои во работни групи ги дефинираа проблемите и приоритетите, поврзани со климатските промени и животната средина во Република Македонија.

На затворањето на годишната средба, заклучоците и препораките од сите работни групи беа разговарани со Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија - г. Абдилаќим Адеми.

Како главен заклучок од средбата со министерот г. Абдилаќим Адеми е договорот за формирање на заедничко советодавно тело помеѓу граѓанските организации и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, кое ќе има за цел да ја зголеми соработката и да ја подобри комуникацијата помеѓу граѓанските организации и претставниците на сите сектори во министерството.  

Публикации

АНАЛИЗА НА СОСТОЈБАТА СО ПОДЗАКОНСКИТЕ АКТИ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ВО МАКЕДОНИЈА

Профил на МЗЦ

Слика на денот

Иницијативи

Партнери и пријатели