Македонски Зелен Центар

Вести и активности

10.10.2012

Добро за бизнисот, добро за животната средина!

Форумот „ Добро за бизнисот, добро за животната средина!“ се одржа на 9 октомври 2012 во Скопје, во организација на Македонската Развојна Фондација за Претпријатија (МРФП) и Македонски Зелен Центар.
Форумот беше отворен од страна на министерот Абдулаќим Адеми, кој истакна дека Оцената на влијанието врз животната средина и Стратегиската оцена врз животната средина го измениле начинот на размислување за инвестициите и дека со нив се демонстрира спектар на можности за унапредување на зелената економија и реализација на концептот општествено одговорно претпријатие.
Марија Јанковска од Македонски Зелен Центар ги презентираше состојбите со практичната примена на процедурите од законодавството за животна средина, а кои го обврзуваат бизнис секторот да обезбеди висока заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Таа се осврна на процедурите за Оцена на влијание врз животната средина на одредени проекти и Интегрирано спречување и контрола на загадувањето. И покрај тоа што при спроведување на процедурата за Оцена на влијанието врз животната средина се бележи напредок во однос на периодот 2008/2009, сепак сè уште постои простор за подобрување на спроведувањето, особено во делот на учество на јавноста. Кај Интегрирано спречување и контрола на загадувањето евидентно е дека законскиот рок (1 април 2014 година) за издавање на сите дозволи за индустријата ќе биде пробиен. Она што останува како голем прашалник е спроведувањето на инспекцискиот надзор, односно колку предвидените мерки за заштита на животната средина предвидени во студиите и елаборатите за заштита на животната средина и еколошките дозволи доследно се спроведуваат.
Методија Саздов од Македонски Зелен Центар говореше за општествената одговорност на малите и средни претпријатија, примери од светот и состојбите во Македонија.
Гостин на форумот беше Микулаш Варгиц, правен експерт за ЕУ легислатива за животна средина од Република Чешка. Според Варгиц, политиката за ООП на мали и средни претпријатија може да има три основни форми кои не се строги дефиниции и кои може да се применат во зависност од ситуацијата. Претпријатието може да види која од формите е најсоодветна за неговиот специфичен бизнис и потоа да одлучи која стратегија за ООП ќе ја користи во своето работење: 1) да не нанесува штета на животната средина; 2) да создава заеднички вредности и 3) да функционира како корпорација која создава бенефит.
Јадранка Иванова и Владо Каровски од Министерството за животна средина и просторно планирање се осврнаа на апроксимацијата кон ЕУ регулативата за животна средина во Македонија и на еко-етикетирањето, додека Александар Николов од Националното координативно тело за ООП зборуваше за Национална агенда за ООП со фокус на заштита на животната средина.
На присутните им беа претставени неколку бизниси кои успешно ја практикуваат оваа димензија на општествената одговорност. Славчо Ѓоргиев од Експро зборуваше за сопствениот високо енергетски ефикасен објект (класа пасивни објекти); Филип Ивановски од Пакомак зборуваше за собирање и рециклирање отпад од пакување во Македонија, а Драгана Чифлиганец од Адора инжинеринг за енергетски ефикасните објекти што ги гради нивната компанија.

 

Публикации

Профил на МЗЦ

Слика на денот

Иницијативи

Партнери и пријатели