Македонски Зелен Центар

Вести и активности

16.05.2012

Еколошка демократија – ќе успеат ли еколошките здруженија на граѓани конечно да ја поттикнат во Македонија?

Од почетокот на 2011 година организациите: Фронт 21/42, Македонски Зелен Центар, Македонско Еколошко Друштво, Еко-свест, Екоскоп, ЦЕЛОР, Биди зелен, Крсте Јон и Флорозон, организирани во работни групи за учество на јавноста и мониторинг,  заеднички работат на повеќе случаи кои може да ја отсликаат состојбата со еколошката демократија во Република Македонија, а воедно и да придонесат за позитивни чекори во нејзиното развивање. Давањето на информациите на јавноста и овозможувањето таа директно да влијае на одлуките кои се носат и влијаат врз животната средина се едни од основните принципи на еколошката демократија. Дали и како таа функционира и во кои насоки се развива кај нас може да се види од неколкуте приказни од реалниот живот кои се случуваа во изминатата година.

∏1 Работата на индустриските капацитети е условена од добивањето на интегрирани еколошки дозволи – документ кој треба да обезбеди висока заштита на животната средина и кој воедно е добиен преку постапка која во себе вклучува низа на процедури, меѓудругото и консултации на јавноста која е засегната од загадувањето. Едни од најголемите загадувачи во земјава, Фени Индустри и Југохром Фероалојс, кои меѓу првите ги добија овие дозволи, во текот на 2010 и 2011 година побараа и добија измена на дозволите, во делот на рокови кои треба да се исполнат за подобрување на заштитата на животната средина, промена на техниките на работа, но без запазување на законските обврски од оваа област за известување и вклучување на јавноста. На укажување на гореспоменатите граѓански организации за незаконитоста и штетноста на оваа постапка, Министерството за животна средина и просторно планирање се обврза пред Европската Комисија да изврши ревизија на сите досега издадени еколошки дозволи на индустриските капацитети. Доколку оваа активност се реализира според ветеното ќе биде вистински позитивен пример како граѓанскиот сектор во областа на животната средина може да ја поттикне администрацијата на позитивни промени при спроведувањето на законите и заштитата на животната средина.

∏2 За време на протестите на локалното население кое живее во околината на рафинеријата ОКТА во 2008 година, му беше ветено, меѓуостанатото и изготвување на студија со која ќе се оцени долгогодишното загадување на животната средина од страна на ОКТА и ќе се предложат мерки за санација на загадувањето, со што на локалното население би му се овозможило уставното право на здрава животна средина. И покрај тоа што студијата е изготвена уште во ноември 2010 година, повеќе од година дена Министерството за животна средина не ја обзнануваше. Дури во март 2012 година, по неколку месечен притисок од страна на еколошките организации, Министерството ја објави студијата на својата интернет страница. На тој начин, на локалното население му беше остварено правото да има пристап до информациите и да знае во каква животна средина живее. Дополнително, оваа студија треба да биде земена во предвид и при издавање на А-интегрирана еколошка дозвола на ОКТА, чијашто првична нацрт верзија беше презентирана на јавната расправа во јуни 2011 година, кадешто еколошките организации ги дадоа своите забелешки, но скоро година дена по тоа нема информации за ревидирана нацрт еколошка дозвола за ОКТА.

∏3 Заштитата на природните богатства на нашата земја, наспрема зацртаните енергетски проекти од некои минати времиња, се покажа како голем камен на сопнување на еколошката демократија. Процесот на ревалоризација на Националниот Парк Маврово и Студијата за ревалоризација која произлезе од овој процес експлицитно дадоа до знаење дека заштитата на природата кај нас е подредена на економските интереси. Еден од главните проблеми кои произлегоа од процесот на ревалоризација на НП Маврово е новото предложено зонирање на националниот парк, подредено на енергетските проекти предвидени во него. Ова пред сѐ се однесува на делови од Луково Поле и пределите на Длабока Река, предели на недопрена природа и значајни живеалишта кои од највисоката категорија на заштита  (строга заштита) се девалвирани во зони на одржливо управување (најниска заштита), се со цел реализација на енергетскиот проект Луково Поле. Реализацијата на планираните енергетски проекти во Националниот Парк Маврово: Бошков Мост, Луково Поле и неколкуте мали хидроелектрани, претставуваат сериозна закана за биолошката и пределската разновидност на паркот, со посебен акцент на заштитата на националниот симбол - рисот. Здруженијата на граѓани ги искажаа своите ставови поврзани со прашањата за националниот парк и енергетските проекти како пред домашните институции така и пред меѓународните финансиски институции кои се вклучени во проектите Бошков Мост и Луково Поле. Новото зонирање на паркот и напорите на здруженијата на граѓани да се зачуваат зоните на строга заштита и зоните кои претставуаат значајни живеалишта за одредени видови сеуште не е финализирано. Како позитивен чекор издејствуван од страна на здруженијата е ветувањето за нивно вклучување во биомониторингот поврзан со проектот Бошков Мост. Крајните резултати од вклучувањето на јавноста и еколошките организации во постапките и проектите поврзани со Националниот Парк Маврово е сеуште премногу рано да се предвидат. Сепак, во интерес на заштитата на природните богатства очекуваме еколошката демократија да биде испочитувана од страна на институциите и укажувањата на еколошките организации да бидат земени во предвид.

∏4 Здруженијата на граѓани со свои коментари се вклучија и во процесот на консултации со јавноста за Стратегијата за води на Република Македонија и Извештајот за стратегиска оцена на животната средина за Стратегијата за води. Двата документи беа повлечени на преработка по укажаните недостатоци од страна на здруженијата на граѓани и експертската јавност.

Заедничкиот пристап на еколошките организации кон повеќе теми поврзани со животната средина и еколошката демократија во изминатата година придонесоа кон позитивен исчекор во делот на информирањето и вистинското вклучување на јавноста во процесите на донесување на одлуки поврзани со животната средина. Сепак, уште многу чекори треба да бидат превземени од страна на институциите, како и од граѓанските здруженија, за навистина гласот на граѓаните да биде составен дел на одлуките кои се носат, а ја засегаат животната средина во која сите живееме.

Активностите беа спроведени во рамките на проект: „Активизам на дело“, финансиран од Европската Комисија, а спроведуван од страна на Фронт 21/42 и Македонски Зелен Центар. Завршниот настан на кој се презентираа резултатите од проектот се одржа на 16 мај 2012 година во Скопје.   

 

Публикации

Профил на МЗЦ

Слика на денот

Иницијативи

Партнери и пријатели